Москва бара забрзување на истрагата за саботажата на Северен тек

Кремљ денеска повика да се забрза истрагата за експлозиите на гасоводот Северен тек и да се објават резултатите.

Истрагите на Данска и Шведска, двете земји во чии економски зони се случија експлозиит минатата година во септември, потврдија дека се работело за саботажа, но наводно допрва треба да утврдат кој бил одговорен.

Сепак, минатата недела Данските вооружени сили објавија дека на 22 септември направиле 26 фотографии од руски брод во близина на местото на експлозијата.

Според Москва, меѓутоа, тоа не значи ништо.

„Руски бродови пловат на Балтикот и тоа е нормално. Секој има стотици фотографии од руски бродови“, изјави денеска портпаролот на Кремљ – Дмитриј Песков, и повика на транспарентна истрага.

Прочитајте и:  Мицкоски: Очекуваме час поскоро да се стави крај на оваа руска агресија и да можеме нормално да функционираме и да се развиваме

„Повторно инсистираме – ако има некаква информација, треба да се објави. Истрагата за овој терористички напад мора да биде транспарентна за сите и мора да се забрза. Светот мора да ги знае одговорните извршители на овој терористички чин“, рече Песков.

Данска, Германија и Шведска во февруари заеднички му соопштија на Советот за безбедност на ОН дека нивните истраги сè уште не се завршени и дека не е можно да се знае кога ќе бидат.

Москва, пак, сака 15-члениот совет да преземе независна истрага за експлозиите. Таа го обвинува Западот за саботажата на гасоводите. САД и Украина, меѓутоа, исто како и Русија, негираат дека имаат некаква врска со експлозиите.

Извор: МИА

- Реклама -