Кирби: За пет месеци Русија има загуби од 100.000 убиени и ранети во Бахмут, пропаднаа обидите за офанзива во Донбас

Руските загуби во борбите за Бахмут во изминатите пет месеци достигнале отприлика 100.000 убиени и ранети, велат разузнавачките информации кои синоќа ги објави Белата куќа.

Бројката, базирана на проценки од американското разузнавање, вклучува повеќе од 20.000 загинати од кои половина биле од приватната воена компанија „Вагнер“ која регрутираше затвореници по руските затвори, соопшти Џон Кирби – координатор за стратешки комуникации на Советот за национална безбедност при Белата куќа.

„Пропаднаа обидите на Русија да изврши офанзива во Донбас, пред сѐ преку Бахмут. Русија не може да окупира реална и стратешки суштествена територија“, рече Кирби, кој воедно и информираше дека наскоро ќе биде објавен уште еден пакет американско оружје за Украина.

Според него, руската војска можеби постигнала одреден успех во Бахмут, но тоа е постигнато по „ужасна, ужасна цена“, а украинската одбрана во регионот останува силна.

„Русија ги истошти своите воени резерви и вооружени сили, и тоа уште од декември. Според нашите процени, Русија понесе над стоилјадни загуби, вклучувајќи повеќе од 20.000 убиени во бој, од кои речиси половина се војници-вагнеровци“, изјави Кирби.

Прочитајте и:  Кирби: Заканите од Москва за противракетната база во Полска треба да се сфатат сериозно иако се неодговорни и неразумни

„Овие цифри едноставно се запрепастувачки“, истакна тој, додавајќи дека руските загуби во Бахмут се три пати поголеми од американските загуби во битката за Гвадалканал во Втората светска војна.

Генералштабот на вооружените сили на Украина, пак, денеска соопшти дека најжестоките борби со руските војници сѐ уште се водат кај Бахмут и Маринка, на истокот на Украина. Руските сили се обидуваат да нападнат на правецот Бахмут, а борбите продолжуваат во градот. Во правец на Авдијивка, руската офанзива во областите на населбите Северноје и Первомајское била неуспешна, а продолжуваат нападите на руските сили врз Маринка, велат од украинскиот ГШ, а пренесува агенцијата Униан.

Извор: МИА

- Реклама -