Милановиќ: Косово е реалност, многу брзо ќе биде признаено од сите земји од ЕУ

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска изјави дека Косово е веќе реалност и многу брзо ќе биде признаено од сите земји од Европската унија, јавија албанските медиуми.

Одговарајќи на медиумскиот интерес за Косово, Милановиќ на заедничката прес-конференција со албанскиот претседател Бајрам Бегај во Загреб рече дека „Хрватска ќе придонесе за напредокот на Косово“.

„Косово е реалност. Најголемиот број земји од ЕУ и НАТО го прифатија, некои не. Земјите што не го прифатиле, ако ги прашате зошто не го прифатиле, нема да знаат како да го оправдаат својот став. Хрватска меѓу првите земји го прифати Косово. Ова е реалност. Ќе направиме сѐ што можеме и никогаш со цел да ја испровоцираме Србија, но сакаме да ги убедиме дека тоа е реалност“, нагласил Милановиќ.

Додал дека „реалноста е дека Косово е дел од Европа, кого во не така далечна иднина ќе го признаат сите земји од ЕУ”.

Прочитајте и:  Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, нормализацијата значи дека го чуваме мирот

„Србија сега е во шизофрена политичка позиција. Од една страна фантазираат за односите со Русија, а од друга страна тврдат дека влегуваат во Европа. Косово е на добар пат. Активно ќе придонесеме максимално“, посочил меѓу другото претседателот на Хрватска, Милановиќ.

За албанскиот претседател, сите лидери на Западен Балкан мора да се однесуваат не како политичари, туку како државници.

„Потребно е луѓето да сфатат дека треба да се остави настрана празната, националистичка реторика, која никому не му служи освен за зголемување на тензиите во нашиот регион“, порачал тој.

Бегај се заблагодарил за поддршката што Хрватска ја дава за Косово, додавајќи дека се согласува со сѐ што неговиот домаќин го кажал.

„Косово е суверена, независна држава и неговиот територијален интегритет не може ниту да биде доведен во прашање. За мене како претседател на Албанија, Косово е од исклучително голем интерес“, нагласил тој.

МИА

- Реклама -