Бугарските здруженија побарале од Ковачевски да бидат вклучени во работната група за уставни измени

Претставниците на бугарските здруженија во зејмјава побарале да бидат вклучени во работната група за уставни измени, објави БТА.

Во писмо до премиерот Димитар Ковачевски, тие го поздравиле формирањето на работната група, што, како што оцениле, е чекор напред кон решавање на прашањето за вклучување на Бугарите во преамбулата на Уставот, со што ќе се гарантираат правата и слободите на Бугарите во земјава.

Во писмото, неговите потписници побарале од Ковачевски да предложи во работната група да се вклучат и претставници на овдешните Бугари бидејќи се директно засегнати, а истовремено изразиле и подготвеност да предложат луѓе кои, како граѓани на земјава „ќе го дадат својот конструктивен придонес во работата на работната група за да биде поефективна“.

Таков придонес, па и уште поголем, имал бугарскиот народ во остварувањето на вековниот сон за независна и суверена Република Македонија, тврдат потписниците на писмото.

Прочитајте и:  Средба Сиљановска Давкова - Радев во Баку: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите и вредностите на ЕУ

„Бугарскиот народ беше најконструктивниот елемент во остварувањето на вековниот сон за независна, демократска и суверена Република Македонија, држава на сите граѓани кои живеат во неа, без разлика на етничка, верска, политичка, социјална и која било друга припадност. Но, со донесувањето на Уставот на Република Македонија на 17.11.1991 година, а подоцна и со сите амандмани, беше направена голема историска неправда и бугарскиот народ беше изоставен од преамбулата на Уставот“, му пишуваат тие на Ковачевски.

Со уставните измени, според нив, ќе се исправи „оваа историска неправда“ и Бугарите во Македонија „ќе ги уживаат сите права и слободи кои произлегуваат од највисокиот правен акт заедно со другите народи веќе вклучени во преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија, за заедно да градиме подобра иднина во нашата земја“, се вели во писмото.

- Реклама -