Објавена заработката на Џо Бајден и неговата сопруга во 2022 година

Американскиот претседател Џо Бајден и неговата сопруга Џил ја објавија својата даночна пријава, според која двајцата заработиле речиси 580.000 долари минатата година и платиле данок од 23.8 отсто.

Тие донирале околу 3.5 отсто од својот приход, односно 20.180 долари за 20 добротворни организации, вклучително и една поврзана со Синдикатот на американските полицајци.

Семејството Бајден објави бруто приход од 579.514 долари за 2022 година, од кој платиле 137.658 долари како даноци. За претходната година, првата на Бајден како претседател, тие пријавија приход од 610.702 долари.

Бајден како претседател на државата заработува плата од 400.000 долари. Џил Бајден заработува 82.335 долари годишно како професор по англиски јазик на државен колеџ. Остатокот од нивниот приход доаѓа од камати од инвестиции, ануитети, распределби од сметки за пензионирање и социјално осигурување, покажува нивната заедничка даночна пријава.

Потпретседателката Камала Харис и нејзиниот сопруг Даг Емхоф минатата година пријавиле бруто приход од 456.918 долари, плаќајќи 93.570 долари данок. Нивниот приход вклучува плата од 219.171 долари исплатена на Харис од Сенатот на САД, 62.870 долари од нејзините книги и 169.665 долари што ги добила Емхоф во Правниот центар на Универзитетот Џорџтаун, каде што предава. Двајцата дале околу 5 отсто од својот приход (23.000 долари) во добротворни цели.

МИА

- Реклама -