Ковачевски: Ќе има и Коридор 8 и Коридор 10д и членство во ЕУ, исто како што имаше членство во НАТО

Согласно сегашните законски решенија кај нас и во моментов може да се работи повеќе од 40 часа, односно 50 часа. Има голем број работници кои работат и 50 часа по свој избор и со нивна согласност, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за огласот што го објави Јавното претпријатие за државни патишта за вработување работници кои ќе работат на изградбата на четирите автопати од двата коридора 8 и 10д и дали ангажираните работници ќе работат неделно со 40-часовно работно време.

„Во моментов ние во нашата држава имаме закони кои што важат. Доколку се донесат законски решенија кои што ќе предвидат други услови за работа тогаш ќе се аплицираат тие други услови за работа. Инаку и сега кај нас согласно со законските решенија може да се работи повеќе од 40 часа, односно 50 часа. Така што има голем број работници кои работат и 50 часа по свој избор и со нивна согласност“, рече Ковачевски кој, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, денеска беше во општината Бутел, на увид на изградбата на најголемата социјална зграда во државата.

Ковачевски истакна дека, според договорот, 51 отсто од работите треба да ги изведат македонски подизведувачи, а другиот дел се странски.

Тој повтори дека со изведувачот „Бехтел и Енка“ е потпишан Договор на 400 страници во кој се дефинирани сите обврски на двете договорни страни – на изведувачот и на државата Република Северна Македонија, претставувана од ЈПДП и Министерството за транспорт и врски, а за сите детали во текот на изградбата ќе информираат и Управувачкиот комитет и Министерството и Јавното претпријатие.

„Одговорноста е на страните да изградат автопат – четири делници 110 километри најголема инвестиција во историјата на државата, поголема инвестиција не сме имале имале“, рече Ковачевски.

Тој повтори дека Договорот со „Бехтел и Енка“ не се објавува бидејќи како комерцијален договор содржи делови со назнака на доверливост, односно деловна тајна на компанијата изведувач, податоци кои таа сака да ги заштити од конкуренцијата. Самиот Договор, додаде Ковачевски, веќе е доставен до Обвинителството.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

„Владата од вчера веќе го овласти ЈПДП кое има добиено барање од ЈО да го достави договорот, тоа да го направи. И тоа ќе биде направено во најскор можен рок“, вели премиерот.

Тој нагласи дека коридорите ќе почнат да се градат и тие ќе бидат изградени.

„Сите оние кои не сакаат да ја видат државата со модерна инфраструктура, кои не сакаат да ја видат државата поврзана со земјите од регионот и како дел од ЕУ, за жал, ќе мора да ги разочараме дека ќе има и Коридор 8 и Коридор 10д и членство во ЕУ, исто како што имаше членство во НАТО“, рече Ковачевски.

Министерот за транспорт и врски – Благој Бочварски, на новинарско прашање, повтори дека сите обврски се опишани во Договорот и дека стратешки интерес и стратешка цел на државата е брза изградба и реализација на овој проект за изградба на коридорите, за што, како што рече, јавноста навремено ќе биде информирана за сите активности.

„Ќе информираме за сѐ и ќе ве повикаме каде треба да бидете за да дојдете и заедно да направиме увид во градежни работи, да информираме до каде е проектирањето на трасата, експропријацијата, процентите на експропријација, кои што ќе се водат во идниот период… Проектот е на Владата, таа ги реализира овие проекти и согласно на тоа поставува координатори инженери и лица од ЈП кои ќе ги координираат овие процеси со цел да бидат изведени брзо и навреме“, рече Бочварски прашан каде ќе биде означен почетокот на работите на коридорите кој е најавен за 22 април.

Извор: МИА

- Реклама -