Богоев: Има функционери од ВМРО-ДПМНЕ кои праќаат позитивни сигнали за уставните промени

Иако Христијан Мицкоски силно се противи на уставните измени, сепак дел од функционерите и раководството на ВМРО-ДПМНЕ испраќаат сигнали на поддршка за овој процес, тврди потпретседателот на СДСМ – Стефан Богоев.

„Нашите пратеници комуницираат со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Меѓутоа, добар дел од нив и од раководството на партијата, вклучително и еден скопски градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, испраќаат позитивни пораки на различни средби и на средби со дипломати. Испраќаат позитивни пораки и на места, настани и во разговори со луѓе за кои претпоставувам дека знаат дека ќе стигнат до нас. Тоа се охрабрувачки информации каде што тие се свесни дека ова е нешто што треба да го направиме за да го продолжиме европскиот пат. Очекувам во одреден момент тие луѓе да истапат и јавно и да дадат поддршка“, изјави Богоев во интервју за неделникот „Фокус“.

Тој истакнува дека прашањето за временско одржување на изборите наредната 2024 година е затворено и дека, согласно Закон, прво ќе бидат претседателските, а потоа и редовните парламентарни избори.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Со буџетот за 2025 година полициските службеници ќе добијат покачување на платите

Според него, СДСМ е предводник на Европскиот блок кој ќе ја осигура европската иднина на државата, а сите стратешки одлуки за иднината на земјата, вели, се дел од државничките политики на партијата.

„Во ова раководство, првпат идејата за европски фронт и блок ја пласираше Димитар Ковачевски пред шест месеци на трибините на СДСМ кои ги правевме есента и зимото. Ние сме единствената политичка партија од земјата којашто била дел од сите чекори, во минатото и сега, коишто ја доведоа државата до Европската унија. Ние 11 години имавме комплетно изолирана држава. Добивањето кандидатски статус во 2005 година е по заслуга на СДСМ, членството во НАТО и почнувањето преговори со ЕУ, со заштитен македонски јазик, се по заслуга на СДСМ. Тие се стратешки работи кои се суштината на таков европски блок. Ние дури и создадовме позитивна клима за решавање на црковното прашање“, изјави Богоев.

Извор: МИА

- Реклама -