Дуда: Украина мора да добие авиони кои можат да се справуваат со руските

Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска истакна дека Украина мора да добие авиони кои ќе можат да се справат со руските воени воздухопловни сили и дека неговата земја е подготвена, покрај 14-те авиони МИГ 29 од советско производство што веќе ги издвои, постепено да ги испраќа и своите преостанати МИГ авиони кога ќе почнат да пристигнуваат, нарачани во Јужна Кореја и САД.

„Украина мора да има воздухопловство што ќе може да војува со руското воено воздухопловство, што ќе може да му се спротивстави. Се додека можеме да го постигнеме ова со авионите МИГ 29, тоа е добро затоа што украинските пилоти знаат како да ги управуваат. Но, и ние имаме недостиг од авиони МИГ 29, ни останаа само оние што ги користиме за патролирање во НАТО“, изјави Дуда во интервју за Полското радио.

Тој рече дека неговата земја нема да испрати авиони МИГ 29 во Украина, кои, како што призна, а предупредија и украинските власти, се застарени според стандардите на НАТО, се додека полското воено воздухопловство не добие 48 авиони ФА 50 од Јужна Кореја.

Прочитајте и:  Бајден брза да испрати помош за Украина пред инаугурацијата на Трамп

Во однос на американските авиони Ф-16, Дуда рече дека Украина не може да смета на нивна испорака од Полска, бидејќи, како што истакна, имаат малку од нив, потребно е да се обучат украинските пилоти за што треба многу време, а исто така потребно е и одобрение од САД.

„На самитот на НАТО во Вилнус во јуни ќе се обидеме да ги убедиме сојузниците дека не смее да се прекине помошта, за да не се појави негативен ефект што може да се нарече воен замор – доста е од оваа војна, да престанеме да помагаме, можеби војната ќе заврши. Ако престанеме да помагаме, таа војна ќе заврши со победа на Русија, а светот не смее да го дозволи тоа“, изјави Дуда.

МИА

- Реклама -