Путин ги обвини западните тајни служби дека ѝ помагаат на Украина во саботажите во анектираните региони

Рускиот претседател Владимир Путин денеска ги обвини западните разузнавачки агенции дека ѝ помагаат на Украина во извршувањето на акти на саботажа и ги повика руските власти да одговорат посилно, јави Бета.

За време на седницата на рускиот Совет за безбедност, на чиј дневен ред беше прашањето на зајакнувањето на контролата врз четирите украински области што Русија ги анектираше во септември, Путин кажа дека тие територии беа соочени со украинско гранатирање и акти на саботажа со цел да се заплаши локалното население.

„Постои причина да се верува дека капацитетите на трети земји, западни специјални служби, биле вклучени во подготовката на акти на саботажа и терористички напади“, рече Путин, пренесуваат американските медиуми, притоа потенцирајќи дека рускиот претседател не изнел докази за ваквите тврдења.

Прочитајте и:  Кирби: Заканите од Москва за противракетната база во Полска треба да се сфатат сериозно иако се неодговорни и неразумни

На членовите на Советот, Путин им порача дека властите мора да дејствуваат „остро и ефективно за да обезбедат контрола на ситуацијата“.

Неколку функционери назначени од Москва во четирите анектирани региони (Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје) беа убиени и ранети во серија бомбашки и други напади.

Путин ги повика властите да ги засилат напорите за целосно интегрирање на четирите области во Русија и заштита на локалното население од украинските напади.

„Тие мора да видат и почувствуваат дека целата наша голема земја стои зад нив и ние ќе направиме сѐ за да ги заштитиме“, рече Путин на средбата, пренесе Бета.

Извор: МИА

- Реклама -