Столтенберг: Ставот на НАТО е дека Украина ќе се приклучи на Алијансата, но има најмалку два услова

Секоја испорака на кинеско оружје во Русија ќе биде „историска грешка со сериозни и длабоки последици“, изјави денеска генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг, по завршувањето на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите од пактот во Брисел.

„Засега не можеме да докажеме испораки за Русија од Кина, а набљудуваме многу внимателно“, посочи Столтенберг, потенцирајќи дека Пекинг досега не ја осуди војната во Украина, а истовремено и ја поддржува руската економија.

Столтенберг ја предупреди и Белорусија да не интервенира директно во војната, потсетувајќи дека првите напади врз Украина, на почетокот на минатата година, беа извршени токму од територијата на Белорусија.

„Ставот на НАТО е дека Украина ќе се приклучи на Алијансата, но има најмалку два услова – да остане суверена, демократска и независна земја, и откако војната ќе заврши и Украина победи, украинските вооружени сили да имаат интероперабилност со силите на сојузот“, изјави генералниот секретар на НАТО во врска со евентуалното членство на Украина во Алијансата.

Прочитајте и:  Калас: ЕУ мора да ја поддржи Украина колку што е потребно

„Поддршката за Украина е во интерес на нашата безбедност. Иднината на земјата е во евроатлантското семејство. Неопходно е да се постигне праведен и траен мир“, порача Столтенберг.

Извор: МИА

- Реклама -