Русија ќе го премести своето тактичко нуклеарно оружје во близина на западната граница на Белорусија, изјави синоќа рускиот амбасадор во Минск, Борис Гризлов.
„Оружјето ќе биде преместено на западната граница на нашата сојузна држава и ќе ги зголеми можностите за безбедност. Тоа ќе биде направено и покрај вревата од Европа и од САД“, изјави Гризлов за белоруската државна телевизија.
Тој не прецизираше каде ќе биде стационирано оружјето, но потврди дека складиштето ќе биде завршено, според наредбата на рускиот претседател Путин, до 1 јули, а потоа ќе се префрли во западна Белорусија. Путин на 26 март најави дека Русија ќе стационира тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.
Белорусија се граничи со Литванија и Летонија на север и со Полска на запад, кои се соодветно дел од источното крило на НАТО, по руската инвазија на Украина засилена со дополнителни трупи и воена опрема. САД и другите сојузници на Киев изразија загриженост поради можноста Русија да испрати тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, а за американскиот претседател Џо Бајден тоа е „загрижувачки“.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко во петокот изјави дека неговата земја, исто така, ќе и дозволи на Русија да распореди таму интерконтинентални нуклеарни ракети, доколку е потребно.
МИА