Oтстранувањето на формулацијата „20%“ од Уставот и замена со изричната дефиниција „албанскиот јазик“ треба да се случи сега, со уставните измени кои предвидуваат внесување на Бугарите како заедница која живее во Северна Македонија, порача претседателот на Алијанса за Албанците – Арбен Таравари.
Како што информираат од партијата, Таравари вели дека дел од овој историски момент ќе бидат сите албански партии, вклучително и македонските партии, при што ги посочил нивните лидери – Димитар Ковачевски од СДСМ и Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Алијансата за Албанците е среќна што сега дојде моментот кога политичките партии во Македонија ќе можат да ја изразат својата согласност албанскиот јазик да се именува како таков и повеќе да не се нарекува погрешно ‘20%’. Предлагаме оваа промена да се случи сега и сме убедени, не само во согласувањето на албанските партии, туку и на сите партии во Македонија“, вели Таравари.
Тој додава дека сите партии кои ќе учествуваат во оваа промена, ќе бидат запишани во историјата како демократски партии, особено европски.
„Особено г. Ковачески и г. Мицкоски ќе станат дел од овој важен момент не само за Албанците кои живеат во оваа земја, туку и за европската иднина на нашата заедничка држава. Со нетрпение го очекуваме моментот на официјалното објавување на ова сепартиско ветување“, порачува Таравари.