Белата куќа најостро го осудува апсењето на американскиот новинар во Русија

Белата куќа е „длабоко загрижена“ од „вознемирувачките“ извештаи за задржувањето на американскиот граѓанин Еван Гершкович во Русија и најостро го осудува овој чин.

„Таргетирањето американски граѓани од страна на руската влада е неприфатливо“, истакна портпаролката Карин Жан-Пјер.

Како што информираше таа, службеници од Белата куќа и Стејт департментот синоќа зборувале со претставници на „Волстрит журнал“, каде што работи Гершкович. Администрацијата исто така е во контакт со неговото семејство. Стејт Департментот е во директна врска и со руската влада, „активно работејќи да се осигура конзуларен пристап за Гершкович, велат од Вашингтон.

„Најостро го осудуваме апсењето на Гершкович. Исто така го осудуваме континуираното таргетирање и репресии врз новинарите и слободата на печатот од страна на руската влада“, рече Жан-Пјер.

Од Белата куќа повторно порачаа дека Американците треба да посветуваат внимание на предупредувањето на владата на САД да не се патува во Русија. Американските граѓани кои престојуваат или патуваат во Русија треба веднаш да заминат, препорачува и Стејт департментот.

Прочитајте и:  Американски сенатор: Залудно е да се преговара со тиранинот Путин

За апсењето на дописникот на „Волстрит журнал“ денеска информираше Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ). 32-годишниот Гершкович, како што соопштија, бил уапсен во Екатеринбург, под сомнение за шпионажа во корист на американската влада.

„Гершкович, по инструкции на американската страна, собрал информации кои се државна тајна за активностите на едно од претпријатијата на рускиот воено-индустриски комплекс“, беше посочено во соопштението на ФСБ.

На новинарот му се заканува затворска казна до 20 години.

По информацијата, реагираше и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој изјави дека е „длабоко загрижен“ од руското апсење на американски новинар, при што ги осуди напорите на Москва да ги „казни“ медиумите.

„Длабоко сме загрижени поради широко објавеното притворање на американски државјанин – новинар во Русија“, рече Блинкен во изјавата.

Извор: МИА

- Реклама -