Луксембуршкиот филм „Неверојатната приказна на Фрици“ прикажан во рамки на Неделата на франкофонски филм во Кинотека
Во организација на Амбасадата и Почесниот конзулат на Големото Војводство Луксембург, а во рамки на овогодинешната Неделата на франкофонски филм синоќа во Кинотека на Северна Македонија, беше прикажан филмот од луксембуршка продукција „Неверојатната приказна на Фрици“, на режисерите Раиф Кукула и Матијас Брин.
Филмот ја раскажува приказната за девојчето Фрици кој во обид да го врати кучето Спутник кај нејзината најдобра другарка, Софи, се впушта во несекојдневна, но и опасна авантура во текот на есента 1989 година при што станува сведок и на падот на Берлинскиот ѕид.
„Неверојатната приказна на Фрици“ се прикажуваше на затворањето на веќе традиционалната Недела на франкофонскиот филм, како дел од Месецот на франкофонијата организирана од Францускиот институт Скопје и Амбасадата на Република Франција, а со поддршка на амбасадите на Романија, Белгија, Швајцарија и Луксембург.
Претходно, во текот на Неделата на франкофонски филм беа прикажани романскиот филм „Радио Метроном“, швајцарскиот „Последниот танц“, белгискиот „Последното искушение на Белгијците“, како и францускиот документарен филм „Деца на татковината“.