Првите британски тенкови „Челинџер“ пристигнаа во Украина

Првите британски тенкови „Челинџер“ пристигнаа во Украина за да помогнат во спротивставувањето на руската инвазија, соопшти синоќа украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников.

Резников кажа дека во украинските единици веќе се распоредени „британски Челинџер, американските Страјкер и Пума и германските Мардери“. Министерот на својата Фејсбук страница објави фотографии од овие возила, без да прецизира кога точно пристигнале.

Портпаролката на украинското министерство – Ирина Золотар, за француските медиуми потврди дека тенковите „Челинџер“ веќе се пристигнати во Украина, без да го прецизира нивниот точен број.

Украинските војници ја завршија обуката во Обединетото Кралство за да научат како да управуваат со 14 тенкови „Челинџер 2“ што Лондон ѝ ги достави на Украина соочена со руската инвазија, претходно вчера соопшти британското Министерство за одбрана.

Прочитајте и:  Белоусов: Украинската воена кампања за 2025 година пропадна

Нивната обука почна веднаш по објавувањето на испораката на овие тенкови од страна на Обединетото Кралство на почетокот на јануари.

„Обединетото Кралство испраќа тенкови „Челинџер 2“, што наскоро ќе бидат во рацете на украинските вооружени сили“, се наведува во соопштението на британското министерство.

Лондон претходно спомена испорака во март, без да даде дополнителни детали за распоредот за испорака.

Вака обучените украински војници, чиј број не е прецизиран, се враќаат во својата земја „подобро опремени, но не помалку во опасност“, изјави британскиот министер за одбрана Бен Валас.

„Ние продолжуваме да стоиме покрај нив и правиме сѐ што можеме за да ја поддржиме Украина сѐ додека е потребно“, додаде министерот Валас во изјавата.

МИА

- Реклама -