Груби до ВМРО-ДПМНЕ: Без вас ќе немавме уставни измени за да бидеме во НАТО, така и сега ќе гласаме заедно со вас за ЕУ

Во своето излагање одговарајќи на прашањата за изградбата на коридорите 8 и 10д, вицепремиерот Артан Груби изјави дека очекува ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи тој крупен инфраструктурен проект, како што очекува и поддршка за уставните измени затоа што, како што рече, во таа партија „владее позитивна атмосфера и дуваат нови ветришта“.

„Се надевам дека ќе го поддржите проектот, како што очекувам ваш придонес и за уставните измени, да помогнете во изградбата на европска Северна Македонија со вашиот придонес. Се надевам дека новите ветришта што дуваат во ВМРО-ДПМНЕ се конструктивни и ќе успееме да ја заокружиме приказната на европска Северна Македонија, како што тоа го направивме заедно со вас минатиот мандат. Да не бевте вие, немаше Македонија да биде во НАТО, да не бевте вие со вашите гласови немаше да имаме уставни измени. И денеска ќе биде истото – утре заедно ќе гласаме со вас. И многу сум радосен за позитивната атмосфера што владее во ВМРО-ДПМНЕ“, рече Груби.

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ реагираа бурно, а координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски, во процедуралната забелешка рече дека Груби „прави циркус од пратеничките прашања“ и не го почитува Собранието, обвинувајќи го дека зборува сосема друго зашто има страв да одговори за тоа што е прашан. Тој му порача на Груби измените на Уставот да ги стават на дневен ред па да види, како што рече, дека пратеници на ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржат.

„Страв му е од тоа што е прашан и прави циркус од пратеничките прашања. Ние поставивме прашање до обвинител, а затоа што не е тука, поставено е до Грковска, а одговара Груби и тој зборува за сѐ освен за тоа за што е поставено прашање“, додаде Мицевски.

МИА

- Реклама -