Кина денеска повика на „дипломатски напори“ за мирно решение на украинската криза, откако Русија ги објави плановите за распоредување на тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.
„Во сегашната ситуација, релевантните страни треба да се фокусираат на дипломатските напори за мирно решение на украинската криза и заеднички да се стремат да се стави крај на тензиите“, рече Мао Нинг, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи.
Русија најави дека ќе ја заврши изградбата на специјален капацитет за складирање на тактичко нуклеарно оружје во соседна Белорусија, што дополнително ќе ги ескалира тензиите во Украина.
„Русија веќе ѝ го предаде на Белорусија системот Искандер, кој може да носи нуклеарно оружје“, изјави рускиот претседател Владимир Путин во интервју за ТВ каналот „Россија-24“.
Сепак, Мао потсети дека петте држави со нуклеарно оружје потпишаа заедничка декларација во јануари 2022 година за спречување на нуклеарна војна, пишува кинескиот весник „Глобал тајмс“.
Според Путин, неговиот белоруски колега Александар Лукашенко долго време го поставувал прашањето за распоредување на руско тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, кое го немало од почетокот на 1990-тите, по падот на СССР.
„Се договоривме со Лукашенко дека ќе распоредиме тактичко нуклеарно оружје во Белорусија без да го нарушиме режимот за неширење на оружјето“, рече Путин, пренесе руската новинска агенција ТАСС.
Путин додаде дека САД одамна инсталирале такво оружје во голем број земји, така што нема ништо необично во барањето на Белорусија. Според него, Русија до 1 јули ќе ја заврши изградбата на складиште за тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, а контролата на оружјето нема да биде префрлена на Минск.
Извор: МИА