Нема опасност од нуклеарна ескалација поради муницијата со осиромашен ураниум, тврди Клеверли

Британскиот министер за надворешни работи, Џејмс Клеверли, денеска изјави дека нема опасност од „нуклеарна ескалација“ во војната во Украина, откако рускиот претседател Владимир Путин ја критикуваше Велика Британија поради снабдувањето на украинските сили со тенковска муниција со осиромашен ураниум.

Клеверли рече дека Русија е единствената земја која зборува за растечкиот нуклеарен ризик, а муницијата, тврди тој, е конвенционална.

„Нема нуклеарна ескалација. Единствената земја во светот која зборува за нуклеарни прашања е Русија. Нема закана за Русија, тука се работи исклучиво за помош на Украина да се одбрани“, рече Клеверли на презентацијата на британската меѓународна технолошка стратегија.

Тој рече дека е важно сите да разберат дека, како што тврди тој, „само затоа што зборот ‘ураниум’ е во името на муниција со осиромашен ураниум, тоа не е нуклеарна муниција, тоа е чисто конвенционална муниција“.

Прочитајте и:  Захарова: Новата американска база во Полска одамна е на листата на приоритетни цели за уништување

Рускиот претседател Владимир Путин изјави вчера дека плановите на Велика Британија да испорача гранати со осиромашен ураниум на Украина укажуваат на подготвеноста на Западот да се бори со Русија до последниот Украинец.

МИА

- Реклама -