Реакција на СДСМ-Тетово: Касами нема ориентација во просторот, заборава како дојде на функција

„Градоначалникот на Тетово, Касами, очигледно нема ориентација во просторот. Недостојно е за еден градоначалник кој својата плата ја зема од парите на тетовчани кои се и Македонци и Албанци и Турци и Срби, Роми и други, да споделува вакви ставови фаворизирајќи една етничка група“, реагираат од Општинската организација на СДСМ од Тетово по објавата на „Фејсбук“ на Биљал Касами, во која во описот на споделените фотографии – на кои тој е застанат заедно со дваесетина градоначалници Албанци од регионот, Касами напиша дека „Тетово е главен град на Албанците во Северна Македонија“.

Од СДСМ го потсетуваат Касами дека тој и на функција дошол благодарение на сите граѓани, односно со помош на гласовите од Македонците.

„Да го потсетиме градоначалникот Касами дека на таа функција дојде благодарение на поддршката која му ја даде ВМРО-ДПМНЕ, односно со помош на македонските гласови. Очекуваме и неговиот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ да излезе со осуда на ваквите ставови на нивниот градоначалник“, се вели во соопштението на ОО на СДСМ.

Прочитајте и:  Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се секогаш подготвени, вели Мицкоски

Инаку, како што беше соопштено од Општина Тетово, Касами денеска одржал средба со градоначалниците на општините во Косово и градоначалникот на општина Бујановец (Србија), на која се разговарало за „реализација на заеднички проекти и за продлабочување на соработката меѓу нив“.

„Со задоволство денеска во Тетово ги пречекавме градоначалниците и амбасадорот на Албанија во Косово, Ќемал Минџози, со кои веќе имаме многу успешна соработка и сето тоа е во насока на градење мостови на соработка во сферата на економија, образование, култура и спорт. На оваа средба Касами го истакна фактот дека Тетово како важен туристички и економски центар ги нуди сите можности и изразува подготвеност заедно со општините на Косово и Албанија да аплицираат во ИПА фондовите за реализирањето на проекти“, се вели во соопштението.

Касами заедно со делегацијата ги посети Шарена Џамија, комплексот Арабати баба Теќе и други културни објекти.

Извор: МИА

- Реклама -