Мислам дека сите политички партии се соочени со одговорноста за продолжување на патот кон ЕУ. Ние сме свесни дека ова е неправедно и дека не е идеален францускиот предлог. Така свесни и го предложивме во Собранието. Свесни сме и дека направивме премногу отстапки досега. Но исто така сме свесни дека по првпат имаме реална шанса да ги завршиме преговорите, односно да продолжиме понатаму и да го направиме тоа што не успеавме 17 години. Да ги завршиме преговорите и да станеме членка. Тоа е реална можност. Не е веќе само теоретска шанса, туку имаме реална можност и треба да ја искористиме, изјави вицепремиерот Бојан Маричиќ за „Топ тема“ на ТВ Телма.
-Ние можеме да одлучиме дека ќе ги направиме уставните измени и за две години, и за три години и за пет години. Впрочем тоа беше и тема на дебата, на дискусија во текот на преговорите околу францускиот предлог. Нам ни одговараше сигурно да имаме повеќе време, или тоа да го направиме кон крајот на преговорите. Но, тоа не можеше како план да помине ниту во Бугарија, ниту генерално да биде прифатено. Затоа сме во оваа ситуација сега, оцени Маричиќ.
Според него, ЕУ нема да дозволи да ја пропушти шансата што ја има за регионот, за оваа година.
„Потенцирам за оваа година, затоа што мислам дека нема во јавноста доволно смисла за ургентноста на задачите што ги имаме, затоа што наредната година веќе во мај има избори за Европски парламент, и потоа има еден процес од неколку месеци за избор на нова Европска комисија, избор на претседател на Европскиот совет, идната година ќе биде посветена на избори. Од друга страна, слушаме дека има сериозни политички структури и во ЕК и во ЕП и кај државите членки, кои ќе инсистираат за отворање на преговорите за Украина и Молдавија во догледно време, до европските избори“, рече Маричиќ.
Тоа, вели, значи дека ние немаме време за губење и ситуацијата веќе не е како претходно, кога можевме да префрлиме од една во друга година.
„Оваа ситуација не е таа. Таа обврска нема да ни замине. Ние можеме да решиме и да не го правиме тоа, да чекаме избори. Имаме два паралелни процеси, едниот е процесот на скрининг, другиот на уставни измени. Ние мора да ги завршиме двата процеси, ако сакаме на крајот од оваа година да поентираме и да преминеме на наредна фаза“, потенцира Маричиќ.
Извор: МИА