Англосаксонците се подготвуваат за повеќегодишни конфронтации во Азија, обвинува Москва

Русија денеска ги обвини САД, Австралија и Велика Британија за оркестрирање на повеќегодишна „конфронтација“ во Азија.

„Англосаксонскиот свет гради блок структури како АУКУС, ја подобрува инфраструктурата на НАТО во Азија и на тој начин сериозно навестува повеќегодишна конфронтација“, изјави шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, во Москва.

Неговата изјава следуваше откако американскиот претседател Џо Бајден и австралискиот и британскиот премиер – Ентони Албенезе и Риши Сунак, најавија дека Австралија ќе купи нуклеарни подморници од САД за да ја модернизира својата флота, поради зголемената загриженост за влијанието на Кина во Индо-Пацификот.

САД, Австралија и Велика Британија синоќа ги открија деталите за планот со кој Австралија ќе се снабди со офанзивни подморници со нуклеарен погон на почетокот на следната деценија, за да „се спротивстават на амбициите на Кина во индо-пацифичкиот регион“.

Говорејќи на церемонијата во американската поморска база во Сан Диего, Бајден го посочи договорот во рамките на партнерството AUKUS 2021 како дел од заедничката заложба за слободен и отворен индо-пацифик со двата „најцврсти и најспособни сојузници“ на САД. Тој потенцираше дека подморниците ќе бидат на нуклеарен погон, а не нуклеарно вооружени – односно нема да носат нуклеарно оружје од каков било вид.

Британскиот премиер Риши Сунак истакна дека станува збор за „моќно партнерство“.

Прочитајте и:  Захарова: Новата американска база во Полска одамна е на листата на приоритетни цели за уништување

„Ова значи дека за првпат три подморнички флоти ќе работат заедно преку Атлантикот и Тихиот Океан, одржувајќи ги нашите океани слободни во следните децении“, рече тој.

Според договорот, САД ќе ѝ продаваат на Австралија три американски подморници од класата „Вирџинија“ на нуклеарен погон на почетокот на 2030-тите, со опција Австралија да купи уште две доколку е потребно. Проектот, како што е посочено, ќе кулминира со британско и австралиско производство на нова класа подморници, SSN-AUKUS – „трилатерално развиено“ пловило, заснована на британски дизајн од следната генерација што ќе биде изграден во Велика Британија и Австралија, со помош на најнапредната американска технологија.

Велика Британија ќе ја добие својата прва подморница SSN-AUKUS кон крајот на 2030-тите, а Австралија ќе ја добие подморницата на почетокот на 2040-тите.

Подморниците ќе ги градат BAE Systems и Ролс Ројс.

„Договорот АУКУС што го потврдуваме овде во Сан Диего ја претставува најголемата поединечна инвестиција во австралиските одбранбени капацитети во нашата историја, зајакнување на националната безбедност и стабилност на Австралија во нашиот регион“, рече Албанес на церемонијата.

Австралиски воен претставник изјави дека проектот ќе чини 368 милијарди австралиски долари до 2055 година.

Како дел од AUKUS, Вашингтон споделува нуклеарна технологија за првпат од 1950-тите кога беше споделена со Велика Британија.

Извор: МИА

- Реклама -