Министерството за правда подготвува нов допис за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски од Унгарија, најави новиот министер – Кренар Лога.
Како што изјави Лога во „Клик плус“ на ТВ21, во образложението на барањето за екстрадиција ќе биде напишано дека Груевски казната ќе ја одлежува во т.н. „хашки ќелии“, кои, вели тој, ги исполнуваат пропишаните услови. Тоа ќе биде наведено од причина што азилот во Унгарија Груевски го добил врз основа на тврдењето дека земјава „нема добри услови во затворите за таа категорија осуденици“, рече министерот.
„Груевизмот нема да избега од Северна Македонија додека овој човек и луѓето околу него и тој дух не ја добијат заслужената казна. Во моментов подготвуваме писмо со барање за негова екстрадиција за девет други кривични дела за кои тој е обвинет и има меѓународна потерница. Во горенаведеното писмо дадов сугестија да се напише дека Северна Македонија ги исполнува условите за категоријата личност како Груевски, бидејќи истиот тој градел ќелии во притвор и во затвори, т.н. ‘хашки ќелии’, кои ги исполнуваат сите стандарди, и верувам дека со овие докази ги исполнуваме стандардите за неговото третирање како специјален затвореник и сметам дека треба да биде екстрадиран од Унгарија“, рече Лога.
Извор: МИА