Сијарто: Во Украина не гинат дански и германски војници, туку Унгарци, затоа нашата позиција е различна

Унгарскиот министер за надворешни работи – Петер Сијарто, изјави за ТВ „Н1 Хрватска“ дека Киев регрутира некои од 150.000 Унгарци од етничката заедница во Украина и ги испраќа на „првата борбена линија“ каде што гинат.

ТВ „Н1 Србија“ во неделата вечерта објави дека во интервјуто снимено во четвртокот за време на неговата посета на Загреб, Сијарто оценил дека позицијата на Унгарија се разликува од другите во Европската унија затоа што „не гинат дански или германски војници во оваа војна, туку Унгарци“.

Сијарто рече дека сега „воената реторика е многу посилна од разговорите за мир“, дека Владата на Унгарија апелира за прекин на огнот и итни мировни преговори и се надева дека „европската и трансатлантската заедница ќе ја усвојат унгарската позиција“.

Прочитајте и:  Телеграф: Стармер и Макрон ќе се обидат да го убедат Бајден да дозволи напади врз Русија

Сијарто рече дека во Украина „јасно е кој кого нападнал, а Будимпешта ја осудува Русија за војната“, но дека „очигледно постојат две страни во војната“ и дека се надева дека страните ќе разговараат бидејќи „двете страни сакаат одржлив мир“.

Запрашан за можноста премиерот Виктор Орбан да го посети Киев, Сијарто рече дека Орбан добил покана и „кога ќе се создадат услови, може да има посета“.

МИА

- Реклама -