Фиби Гејтс, најмладата ќерка на Бил Гејтс, која во некои медиуми е претставувана како „успешна ТикТок-ерка“, изјави дека она што најмногу ѝ пречи во животот е тоа што јавноста „создава лажни мислења“ за неа и нејзиното семејство.
Во интервју за „Информејшн“, 21-годишната ќерка на Гејтс објасни дека ѝ пречат гласините и теориите на заговор за татко ѝ и „избрзаните и погрешни заклучоци“. Истовремено, таа со жалење констатира дека на Интернет луѓето веројатно ја заследуваат само затоа што е ќерка на Бил Гејтс, но сепак, како што вели, потоа остануваат поради содржините кои таа ги постира.
„Прилично сум сигурна дека луѓето почнуваат да ме следат поради моето презиме и татко ми. Веројатно на луѓето им е смешно да го видат татко ми како си игра со „Боксболен“ („паметна“ вреќа за бокс, види видео)… Но, штом ќе ме заследат, главно остануваат на мојот профил. И мислам дека остануваат затоа што објавувам многу за жените, женското здравје и слични работи“, вели Фиби во интервјуто.
Инаку, како што вели „успешната тиктокерка“, мајка ѝ ѝ е најголемата поддршка и се интересира за секој нејзин успех на социјалните мрежи.
„Таа разбира дека токму тука растат младите луѓе денес. И татко ми објавува доста на социјалните мрежи, но тој самиот не следи други луѓе“, потенцира ќерката на билионерот (во моментов „тежок“ 105.3 милијарди долари, според Гугл).
Во интервјуто, Фиби се пожали и дека ѝ е смачено од некои следачи кои ја критикуваат што е во љубовна врска со црнец. Во 2023 година, вели, не треба да има место за такви расистички забелешки.