Бугарија ќе уништи уште 2.8 милиони вaкцини против ковид, но поради договорот на ЕУ со Фајзер мора и натаму да купува

Бугарските здравствени власти денеска објавија дека оваа година ќе бидат уништени 2.8 милиони дози вакцини против Ковид со поминат рок, откако претходно Бугарија – која има најниска стапка на вакцинација во ЕУ – веќе уништи 2.3 милиони дози.

Бугарија има премногу вакцини, слаб опфат со вакцинација и нема луѓе кои сакаат да се вакцинираат, изјави министерот за здравство Асен Меџидиев.

Истовремено, тој информираше дека Бугарија ја повикала Европската комисија да го раскине договорот со Бионтек/Фајзер, според кој земјата е обврзана да продолжи да купува вакцини против ковид до 2025 година. Тој нагласи дека е „ирационално“ Бугарија, земја со 6.5 милиони жители, да купува вакцини кои на крајот ќе ги уништи. Според Меџидиев, ваквата позиција за раскинување на договорот ја поддржуваат и Полска, Чешка и Литванија.

Инаку, според официјалните податоци, бројот на уништени вакцини против ковид ќе го надмине бројот на вакцини кои населението ги примило. Имено, дадени се 4.6 милиони дози против ковид – околу два милиони луѓе се целосно вакцинирани со две дози, а речиси еден милион добиле „бустер“.

Извор: МИА

- Реклама -