Москва: Нема нуклеарен договор додека САД не ја сменат политиката кон Украина

Рускиот заменик-министер за надворешни работи – Сергеј Рјабков, денеска изјави дека Москва нема намера да ја преиспита својата одлука за суспендирање на Договорот за нуклеарно оружје „Нов СТАРТ“ додека САД не ја променат својата политика кон Украина.

Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела објави дека Москва привремено го суспендира своето учество во договорот, обвинувајќи ги САД дека се обидуваат да ѝ нанесат „стратешки пораз“ на Русија во Украина.

„Сè додека САД не го сменат своето однесување, додека не видиме знаци на разумност во она што го прават во однос на Украина… нема изгледи за преиспитување на одлуката за суспендирање на Нов СТАРТ“, рече Рјабков.

Договорот беше потпишан во 2010 година од тогашните претседатели Дмитриј Медведев и Барак Обама со цел да се ограничи бројот на стратешки нуклеарни боеви глави што секоја страна може да ги распореди. Во исто време беа извршени голем број меѓусебни инспекции, а земјите разменија важни информации.

Прочитајте и:  Курт Кембел: Кина е најголемиот предизвик во историјата на САД

Договорот е последен во низата што ја запре трката во вооружување од Студената војна меѓу Вашингтон и Москва, а треба да истече во 2026 година.

Воените аналитичари веруваат дека неуспешното обновување на тој договор ќе го зголеми нуклеарниот ризик во време на засилени несогласувања околу конфликтот во Украина.

МИА

- Реклама -