Дел од маркетите без леб, пекарите велат дека „само ја почитуваат владината одлука“

Во дел од маркетите утринава немаше бел и полубел леб, откако пекарите останаа доследни на „предупредувањата“ до Владата дека нема да произведуваат леб ако цената се замрзне на 33 денари за леб од 450 грама.

Одлуката беше донесена вчера на владина седница, а истворемено Владата ја укина и повластената цена на електрична енергија за прехранбената индустрија, откако анализите на Министерството за економија и инспекциските служби покажаа дека имало злоупотреби и компании не ги намалиле цените соодветно.

Претставници од пекарската индустрија велат дека засега не отстапуваат од ваквиот чекор. Тоа што нема бел и полубел леб на полиците во маркетите само значи дека сите тие ја почитуваат одлуката донесена во понеделникот на состанокот во Стопанската комора, изјавија тие за МИА.

Прочитајте и:  Околу 30 автобуси возат низ Скопје, граѓаните револтирани, вонредни седници на Владата и на Советот на Град Скопје

„Пекарите едноставно си ја почитуваат одлуката. Одлуката е донесена во понеделникот и промена на одлуката засега нема. Уште еднаш ќе повторам, тоа што нема леб на полиците во маркетите значи дека пекарите си ја почитуваат одлуката“, истакна за МИА претставник од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија.

Во меѓувреме, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) врши интензивни контроли дали на терен се почитува одлуката за замрзнување на цената. ДПИ, велат оттаму, со сите свои капацитети е на терен и врши контроли на почитувањето на владината одлука. Податоците од теренските инспекции, велат, јавно ќе ги соопштат кон крајот на денов.

Според одлуката на Владата, цената на лебот останува замрзната до 31 мај годинава.

Извор: МИА

- Реклама -