Столтенберг: Дури и кога војната ќе заврши, НАТО мора да го прекине кругот на руската агресија

НАТО е сè позагрижен дека Кина, која неодамна предложи мировен план од 12 точки за ставање крај на војната во Украина, би можела да ѝ достави оружје на Русија, изјави денеска генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг.

Говорејќи на нордискиот самит САМАК во Хелсинки, Финска, Столтенберг истакна дека рускиот претседател Владимир Путин се подготвува за уште војување и започнува нови офанзиви, мобилизира повеќе војници и посегнува кон Северна Кореја и Иран за повеќе оружје.

„Ние сме, исто така, сѐ повеќе загрижени дека Кина можеби планира да обезбеди смртоносна поддршка за Русија“, истакна Столтенберг, повикувајќи ја Алијансата да продолжи да ја поддржува Украина.

Дури и кога војната ќе заврши, потенцираше тој, НАТО „мора да го прекине кругот на руската агресија“ дозволувајќи ѝ на Украина да се одврати и да се одбрани од идни напади.

Столтенберг го повика НАТО да обезбеди долгорочни безбедносни аранжмани за Украина, бидејќи, како што рече, земјата припаѓа на евроатлантското семејство.

Прочитајте и:  Захарова: Новата американска база во Полска одамна е на листата на приоритетни цели за уништување

„Крајот на оваа војна нема да биде враќање на нормалноста во нашите односи со Русија, бидејќи Москва ја разградува целата архитектура на контрола на оружјето“, додаде тој.

Според Столтенберг, земјите од НАТО мора да се посветат повеќе на буџетот за одбрана дури и ако ризикуваат да ги намалат трошоците за други политики, сѐ со цел, како што рече, да ја задржат безбедноста во сѐ поопасниот свет.

Тој ја поздрави подготвеноста на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган да продолжи со разговорите за ратификација на членството на Финска и Шведска во НАТО и рече дека претставници на засегнатите страни ќе се сретнат следната недела во Брисел.

„Време е процесот да се финализира и Шведска и Финска да бидат полноправни членки на нашата Алијанса“, рече Столтенберг.

Извор: МИА

- Реклама -