Мицкоски до Ковачевски: „Само немоќен и кукавица го вовлекува своето семејство за да се прикаже како жртва“

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, остро демантира дека наредил недолични напади врз сопругата и ќерката на премиерот Димитар Ковачевски, како што обвини тој. Овие обвинувања од страна на Ковачевски Мицкоски ги оквалификува како „безочна лага“.

„Кога човек е слаб, немоќен и кукавица, тогаш за да се прикаже жртва го вовлекува своето семејство. Денес на прес-конференција Ковачевски ме обвини дека сум наредувал недолични напади врз неговата сопруга и неговата ќерка. Сите кои ме познаваат знаат дека тоа не е моја одлика, станува збор за безочна лага и навистина жалам што политичката комуникација се сведе на толку ниско ниво“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Во интерес на вистината, како што вели, тој го повика премиерот веднаш до Обвинителството да достави докази и да ги покаже јавно, а доколку се потврдат неговите тврдења, Мицкоски вети дека веднаш ќе се повлече од политиката.

„Доколку тоа не го стори многумина ќе очекуваат да го тужам и правдата за оваа лоша лага да ја барам на суд…, но тоа нема да го сторам…, овој човек што го вовлекува своето семејство не заслужува такво внимание, поради што и сум и вистински згрозен. Воедно јас нема себе си да се прикажувам за жртва поради тоа што на моето семејство му се доделуваат невкусни ептитети, и тоа токму од инсталициите на власта, оние кои управуваат медиуми, и тие кои добиваат пари од истите, тоа што се инволвираат членови на моето семејсво во црна кампања, мојата сопруга, мајка, татко, сестра, тоа што се подметнува наводно скриен имот кој не е мој итн, итн. Јас нема да говорам за сето ова, зошто мојата решеност да одам до крај и да се борам за иднината е поголема од секоја нивна слабост и подмолност“, пишува Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

Истовремено, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се обрати и до сопругата и ќерката на премиерот.

„А вам две дами Ковачевски, не Ве познавам и сакам од срце да ви се извинам што морате ова да го читате. Имате мој поклон до земја. Со ништо не сум сторил нити ќе сторам да ја повредам вашата чест и достоинство, ниту на памет ми паднало семејства да вовлекувам во дневна политика. Ви посакувам бескрајно многу здравје и сила ова да го издржите. Знам што е да си сопруг и родител и јас за моето семејство ќе сторам сѐ во животот, затоа го почитувам секое друго семејство затоа што знам дека тоа му значи на некого онолку колку моето мене ми значи, а ми значи СЕ’ на светот“, пишува Мицкоски.

За потсетување, премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека по директна наредба на Мицкоски се напаѓа неговото семејство, посебно неговите сопруга и малолетна ќерка. За ќерката, Ковачевски рече дека по наредба на Мицкоски биле правени недолични видеа на апликацијата Тикток во периодот кога се усвојуваше францускиот предлог за почеток на преговорите со ЕУ во јули минатата година.

„Има една работа што не сум ја кажал. Директно по негова наредба, за мојата малолетна ќерка, во текот на јули минатата година, кога се носеше францускиот предлог, беа правени недолични видеа на апликацијата ТикТок и јас за ова од таков нечовек не барам извинување“, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата. За сопругата, премиерот рече дека била напаѓана за време на собраниската расправа за владината реконструкција.

Извор: МИА

- Реклама -