Ковачевски: Предлогот за заедница на албански општини е несериозен, неевропски и неприфатлив

Неприфатлив, несериозен, нееверопски и неамерикански е предлогот за заедница на албански општини во земјава, изјави премиерот Димитар Ковачевски прашан да го коментира „предлогот“ на Алтернатива кој, според нив, би бил реципроцитет на формирањето заедница на српски општини на Косово.

„Вчера имавме и реакција како политичка партија, се работи за несериозна идеја. Односите во нашата држава се решени со Охридски рамковен договор кој го потпишаа претставници на сите политички партии – и на Македонците, и на Албанците, за кој гаранција се САД и Европската Унија. Врз основа на тој Охридски рамковен договор, Северна Македонија денес претставува пример за соживот и остварување на правата на сите етнички заедници во државата и врз негова основа во нашата држава се изградени институции за заштита и унапредување на правата на помалите заедници на највисоко ниво споредено со сите други држави во Европа“, рече Ковачевски, потенцирајќи дека во Косово, од друга страна, постои друг договор кој исто така е потпишан помеѓу две страни и кој ги решава проблемите што постоеле таму во минатото.

„Ние овде заедно сме си ги уредиле правата како ќе живееме и како ќе напредуваме и врз основа на тоа сме станале земја членка на НАТО, земја која преговара со ЕУ. И безбедноста и стабилноста на нашата држава е на толку високо ниво изградена по 2001 година што сме земја депонент на договорите од Берлинскиот процес, кои ги потпишаа сите земји од Западен Балкан, тие се депонирани во нашето Министерство за надворешни работи. Оттука, сметам дека таквиот предлог е неприфатлив, несериозен, нееверопски и неамерикански“, рече Ковачевски од Гостивар, каде што присуствуваше на доделување на социјални станови.

Прочитајте и:  Ден на албанската азбука: Ниту едно добиено право не може да се укине или ограничи - му порача Меџити на Уставен суд

За оние кои го заговараат таквиот предлог, премиерот вели дека се или неинформирани или, како што рече, „недобро ги разгледале договорите што ги решаваат идентитетските прашања на Балканот“.

„Ќе треба малку повеќе да се задлабочат во тоа на кој начин се решени проблемите во Северна Македонија, а на кој начин ќе бидат решени проблемите во Косово, нормално преку заемен договор помеѓу Косово и Србија со посредништво на САД и Европската Унија“, додаде премиерот.

Извор: МИА

- Реклама -