„Б9“: Не можеме да дозволиме Русија да откинува парче по парче од европската безбедност, ова мора да ѝ биде последна агресија

Самитот на „Букурешткиот формат –Б9“ во Варшава денеска почна со апел за дополнително зајакнување на источното крило на НАТО и за помош на Украина со сè што ѝ е потребно, за Русија, како што беше наведено, да не може да откинува дел по дел од европската безбедност, како досега.

„Се приближуваме до годишнината од агресијата на Русија и сѐ повеќе сме обединети и единствени. Како источно крило на НАТО, имаме обврска за меѓусебна и колективна одбрана. Ние, САД, се стремиме да испорачаме клучна инфраструктура, се стремиме колку што можеме да ѝ помогнеме на Украина да се бори за својата слобода. Сакам да му потврдам на светот за неприкосновената обврска од членот 5 од Договорот за НАТО“, рече на отворањето специјалниот гостин на самитот – американскиот претседател Џо Бајден.

И генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенбрег, како втор специјален гостин на претседателите или премиерите на деветте земји од источното крило на НАТО, на почетокот на самитот се заложи Украина да ја добие сета помош и оружје што ќе ѝ овозможи да преживее.

„Не можеме да дозволиме Русија да откинува дел по дел од европската безбедност, мораме да го прекинеме тој круг. Гледаме дека Путин не се стреми кон мир, туку кон натамошна војна. Не знаеме кога ќе заврши војната, но кога ќе заврши, мораме да се осигураме историјата да не се повтори. Видовме руска агресија во текот на многу години – Грузија во 2008 година, Крим и Донбас во 2014 година, а потоа и целосна инвазија на Украина минатата година. Не можеме да дозволиме Русија да продолжи да ја поткопува европската безбедност. Мора да го прекинеме кругот на руска агресија. Сојузниците на НАТО никогаш не биле пообединети“, рече Столтенберг.

Прочитајте и:  Захарова: Новата американска база во Полска одамна е на листата на приоритетни цели за уништување

Домаќините на самитот, полскиот претседател Анджеј Дуда и романскиот претседател Клаус Јоханис, најавија дека главна цел на денешниот самит е заедно со Бајден да разговараат како источното крило, кое е, како што беше посочено, „најизложено на заканите од Русија“, уште поконкретно да може да се зајакне.

„Војната не донесе ништо друго освен страдање. Таа, исто така, донесе непроценливи загуби. Лидерите на источното крило имаат обврска да застанат во одбрана на мирот и да ѝ помагаат на Украина се додека ѝ треба. Сакам оваа војна да биде последен таков акт на Русија. НАТО е силен. ‘Букурештката деветка’ е посилна од кога било“, рече романскиот претседател.

Бајден, исто така, посочи дека на годишнината од рускиот напад врз Украина НАТО е само уште пообединет и посилен.

„Се сеќавам на последниот разговор со руски пријател. Му реков дека се обидуваат да спроведете натамошна Финска-изација на НАТО, но ќе дочекаат НАТО-изација на Финска. И тоа се случи“, рече Бајден.

Извор: МИА

- Реклама -