Лажни се и денешните дојави за поставени бомби, вклучително и во претседателската вила на Пендаровски

Лажни се пријавите за поставени бомби во институции, училишта, хотели и згради во Скопје и едно училиште во Прилеп, информира Министерството за внатрешни работи по завршувањето на потребните проверки.

Како што претходно денеска беше соопштено, утрово пристигнаа закани за бомби на електронските адреси на повеќе институции и објекти, меѓу кои и во вилата на претседателот на државата и во Уставниот суд.

„Денеска (21.2.2023) е пријавено дека преку електронските адреси е упатена закана за поставена експлозивна направа до Музеј на град Скопје, Природонаучен музеј, Археолошки музеј, Музеј на ММБ, Спомен-куќа на Мајка Тереза, ГТЦ, Ист гејт мол, ТЦ Бисер, Флатирон, Џевахир, Управен суд, Куќа на претседателот – Вила Водно, х. Мериот, х. Александар палас, СЦ Борис Трајковски, Железничка станица Скопје и ФФМ. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, гласеше соопштението на МВР.

Од Кабинетот на претседателот на државата, во однос на пријавата за поставена бомба, претходно соопштија дека ги почитуваат насоките на МВР и примената на стандардните протоколи во вакви прилики, но нагласија дека Пендаровски ќе ги извршува редовните работни обврски согласно планираната агенда на активности.

Извор: МИА

- Реклама -