Навални: Рускиот пораз во Украина е неизбежен

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој повеќе од две години е во затвор, денеска предупреди дека воениот пораз на Кремљ во Украина е „неизбежен“.

„Конечниот воен пораз (во Украина) сè уште може да биде одложен по цена на животите на стотици илјади мобилизирани (руски резервисти неодамна повикани од Москва), но на крајот тој е неизбежен“, напиша Навални во пораката објавена денеска од неговиот тим преку социјалните мрежи, во пресрет на годишнината од големата руска офанзива против таа земја.

„Комбинацијата на агресивно војување, корупција, општата неспособност на генералите, слабата економија и херојството и големата мотивација на одбранбените сили може само да се заврши со пораз“, рече Навални.

Во долгата порака објавена четири дена пред годишнината од почетокот на руската офанзива во Украина, 46-годишниот противник на рускиот претседател Владимир Путин рече дека направил резиме на неговата политичка платформа и во 15 точки, кои ги нарече „15 тези на руски граѓанин кој го сака најдоброто за својата земја“, го истакна своето противење на конфликтот.

„Вистинските причини“ за офанзивата, според Навални, се политичките и економските тешкотии во Русија, како и волјата на Владимир Путин „по секоја цена да ја зачува власта“ и да остави како свое историско наследство негова слика на „цар освојувач“.

Прочитајте и:  Украина: Новата хиперсонична руска ракета развила брзина поголема од 11 маха (речиси 3.8 километри во секунда)

Нагласувајќи дека во војната во Украина се убиени десетици илјади невини Украинци, тој побара Русија да ги почитува границите со Украина договорени во 1991 година за време на распадот на СССР, кои го вклучуваат полуостровот Крим на украинска територија.

„Треба да се остави Украина на мир и да ѝ се даде можност да се развива како што сака нејзиниот народ“, напиша тој и повика на повлекување на руските трупи.

„Продолжувањето на војната е крик на немоќ, а нејзиното запирање е силен гест“, оцени противникот на Путин.

Навални, исто така, инсистира дека откако ќе заврши конфликтот, мора економски да се надокнади штетата на Украина и заедно со меѓународните тела да се испитаат извршените „воени злосторства“.

„Земајќи ја предвид нашата историја и нашите традиции, треба да бидеме дел од Европа и да го следиме европскиот развоен пат. Немаме друг пат и не ни треба друг пат“, заклучи тој.

Навални беше уапсен во Русија во јануари 2021 година, откако се врати во земјата од лекување поради труење што му го припиша на Кремљ. Во март минатата година тој беше осуден на девет години затвор под обвинение за „измама“ која тој ја оцени како измислена.

Извор: МИА

- Реклама -