На пункт на плоштадот Македонија отворен по разорниот земјотрес во Турција и Сирија, граѓани можат да донираат облека, храна, хигиенски средства и сѐ она што им е неопходно на луѓето погодени во земјотресот. Пунктот е отворен 24 часа.
МИА беше во посета на пунктот, каде разговараше со Ердем Демирел, кој има 22 години и е студент во четврта година на Балканскиот универзитет.
„Луѓето најмногу донираат зимски алишта, шатори, храна. Има донации од сите генерации. Многу сме среќни поради тоа. Бошњаци, Албанци, Македонци, Турци… сите помагаат, а ние секогаш сме тука, секој може да дојде во кое било време и да донира – дваесет и четири седум“, рече Демирел за МИА.
Над 5.000 луѓе досега загинаа во серијата земјотреси во југоисточниот дел на Турција и северна Сирија, а спасувачите се во потрага по преживеани под урнатините.
Најсилниот од серијата земјотреси беше со јачина од 7.8 степени по Рихтер.
И Македонија се вклучи со хуманитарна помош и со испраќање специјални тимови за потрага. Армијата упати тим за претрага и спасување составен од 24 армиски припадници и две кучиња, коишто веќе заминаа за Турција. Претходно, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување – Беким Максути, за МИА потврди дека тимови за заштита и спасување, составени од 40 лица, се упатени во реонот погоден од земјотрес во Турција, Газиантеп.
Од Град Скопје и од дел од локалните самоуправи се испратени екипи за помош, а на вонредни седници на советите се одлучува колку финансиски средства да се одвојат за настраданите во земји.
Извор: МИА