Џефри Сакс: Војната во Украина можеше да се спречи преку три чекори, барањата на Путин беа разумни

Војната во Украина можеше да се спречи преку три чекори: ако Украина останеше неутрална со запирање на проширувањето на НАТО, ако Русија продолжи да го држи Крим или со договор или де факто, и ако договорот Минск-2 насочен кон Донбас беше имплементиран, рече професорот на Универзитетот Колумбија – Џефри Сакс.

На дискусијата „Зимата на нашето незадоволство“ организирана од Центарот за меѓународна соработка и одржлив развој, тој истакна дека Крим е од големо значење за националната безбедност на Русија бидејќи од 1783 година Русија има поморска база на Крим.

Тој потсети дека договорот Минск-2 требаше да обезбеди некаков вид уставна автономија на Донбас и дека Украина го потпиша, а Германија и Франција го гарантираа преку таканаречениот Нормандиски процес.

Сакс изјави дека пред неколку недели поранешната германска канцеларка Ангела Меркел му рекла дека Германија, иако е гарант, не ни очекувала да се спроведе договорот Минск-2 и оти периодот до негова имплементација треба да послужи за зајакнување на Украина.

Тој рече дека сите три барања што рускиот претседател Владимир Путин ги стави на маса на крајот на 2021 година се разумни бидејќи барањето НАТО да не се прошири е разумно.

И барањето Крим да остане под руска администрација за него има смисла, бидејќи конфликтите за негово враќање во Украина би довеле до нуклеарна војна.

Тој потсети дека во 2019 година, поранешниот украински претседател Виктор Јанукович се обиде да склучи договор за долгорочен закуп со Русија кој ќе трае најмалку до 2041 година.

Тој наведе дека разговарал со многу светски лидери кои му рекле дека не сакаат да бидат „вовлечени во прокси војна“ и оти не ја гледаат таа војна како што САД мислеа дека автоматски ќе ја гледаат, како неиспровоциран напад од Русија.

Сакс рече дека светските лидери добро знаат дека војната во Украина е конфликт меѓу две нуклеарни суперсили и дека сакаат двете страни да се повлечат.

Тој оцени дека во војната во Украина не станува збор „за некој луд лудак“, дека Путин мисли дека е Петар Велики, дека не се работи за западна пропаганда, за Хитлер и 1939 година, туку дека се работи за проширување на НАТО, Украина и сите проблеми кои се присутни веќе 30 години.

Сакс рече дека војната во Украина почна во февруари 2014 година, иако Западот верува дека војната започна со неиспровоциран напад од Русија на 24 февруари 2022 година, тврдејќи дека „Путин е лудак кој сака да ја обнови руската империја“.

Прочитајте и:  Велика Британија одбива да коментира дали Украина користела „Сторм Шедоу“ проектили против цели во Русија

Тој укажа дека тоа е пропаганда и дека дури не се ни наведува точниот почеток на борбите, бидејќи почнале во 2014 година и се разгорувале до 2022 година.

Сакс рече дека во 1990-тите, Западот ја пропуштил можноста да ја усвои визијата на Горбачов за заеднички европски дом и дека наместо тоа САД прогласиле победа во „Студената војна“ иако не го поразиле Советскиот Сојуз, туку Горбачов еднострано прогласил крај на „Студената војна“.

Тој укажа дека Западот во замена за обединување на Германија ветил дека НАТО нема да се прошири во земјите од поранешниот Варшавски пакт.

Сакс оцени дека САД тоа го негираат бидејќи во тој случај повеќе ја претпочитаат политиката на амнезија отколку политиката на меморија.

Тој потсети дека од 1992 година, неоконзервативците во САД, предводени од Дик Чејни, Пол Волфовиц и Доналд Рамсфелд, а потоа и демократите Медлин Олбрајт и Ричард Холбрук, прогласија победа во „Студената војна“, прогласија униполарен свет и заклучија дека повеќе нема потреба да се одржи ветувањето, бидејќи Советскиот Сојуз повеќе не постоеше.

Сакс додаде дека американскиот претседател Бил Клинтон го започнал проширувањето на НАТО, кое мудрите луѓе го оцениле како непромислено и опасно, бидејќи тоа е измама и провокација.

Тој оцени дека кога Путин дошол на власт во 1999 година не бил антиевропски и антиамерикански определен, дека очекувал соработка, но барал прекин на проширувањето на НАТО, бидејќи Русија не сака војници на НАТО на нејзините граници.

Сакс рече дека во 2014 година САД помогнале да се собори украинскиот претседател Виктор Јанукович и укажа дека го знае тоа затоа што „видел работи што би сакал да не ги види“, а тоа не му се допаднало ниту на Путин.

Сакс рече дека Јанукович се обидел да балансира меѓу двете страни кои барале од него да прави како што му било кажано застапувајќи ја неутралноста на Украина, но дека тоа било неподносливо за САД, бидејќи „неутралноста не функционира во американскиот начин на размислување, бидејќи или сте со нас или против нас“.

Зборувајќи за санкциите против Русија, тој оцени дека САД многу ги користат санкциите бидејќи за нив не е потребна јавна дебата и одобрение од Конгресот и потсети дека треба да се разликуваат од санкциите на ОН што ги усвојува Советот за безбедност.

„Санкциите речиси никогаш не функционираат во геополитички рамки, и со години гледам како САД ги користат санкциите како евтина и лесна политика“, заклучи Сакс.

МИА

- Реклама -