Кремљ: Припоените украински територии ќе преминат на московско време

Кремљ денеска објави дека ќе започне со наметнување на московската временска зона во анектираните делови од Украина кои се под (делумна) контрола на руските сили.

Руското Министерство за индустрија и трговија ја објави веста на својот канал на Телеграм, велејќи дека четирите региони на Украина припоени од Русија – Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје, „ќе се префрлат на московско време“.

„Постепена синхронизација на руското законодавство е во тек откако четири нови ентитети беа примени во земјата“, соопшти руското Министерство.

„Во блиска иднина ДНР (самопрогласена Народна Република Доњецк), ЛНР (самопрогласена Луганска Народна Република), Запорожје и Херсонската област ќе бидат дел од друга временска зона, во која дејствува московско време“, се додава во соопштението.

Министерството додаде дека тие поднеле нацрт-закон за ова прашање до руската Државна дума и тој допрва треба да биде потпишан.

Прочитајте и:  Путин со обраќање до нацијата: Конфликтот доби глобален карактер

Овој потег доаѓа неколку недели откако портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека процесот на интеграција на територијата е во „полн замав“.

„Осигурувањето на безбедноста на цивилите кои живеат таму е главната цел на операцијата“, рече Песков.

Временската зона во Москва е еден час понапред од источноевропското стандардно време, кое е во сила низ цела Украина.

Русија веќе го направи истото ова и со Крим, по анексијата во 2014 година. Во март истата година, временската зона на Крим беше официјално усогласена со таа на Москва, ставајќи го целиот полуостров еден час пред Украина.

Четирите украински региони беа анектирани лани есента, со наредба на рускиот претседател, откако беа спроведени спорни референдуми во регионите под контрола на руските сили, кои ниту Киев ниту Западот не ги признаваат.

Извор: МИА

- Реклама -