Гутереш: На светот му се заканува ураган од петта категорија

Светот „гледа во окото на ураган од петта категорија“, изјави денеска во Давос генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Во своето обраќање пред светските лидери на Светскиот економски форум, генералниот секретар на ОН оцени дека „светот е во жална состојба“.

„Нашиот свет е зафатен од совршена бура на повеќе фронтови“, рече тој.

Меѓу главните закани со кои се соочува светот, тој ги посочи претстојната глобална рецесија, војната во Украина, растечките нееднаквости, зголемените трошоци за живот, високата задолженост на ранливите земји и последиците од пандемијата.

Гутереш рече дека „ја губиме битката“ во борбата против глобалното затоплување и дека секоја нова недела носи „нов климатски ужас“.

„Ветувањето дека ќе се ограничи порастот на глобалната температура на 1.5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа речиси исчезна“, рече тој, предупредувајќи дека светот се движи кон зголемување на температурата за 2.8 степени.

МИА

- Реклама -