Инфраструктурата на Киев може да се урне во секоја секунда, бидејќи спорадичните руски ракетни напади и ниските зимски температури вршат сѐ поголем притисок врз локалните власти, изјави градоначалникот на украинскиот главен град, Виталиј Кличко.
Тој и неговиот брат Владимир изјавија дека западните сојузници мора да го забрзаат распоредувањето на противвоздушни одбранбени системи способни да соборуваат руски ракети.
Киев ја обвинува Москва дека гаѓа цивили и клучна инфраструктура, ги загрозува снабдувањето со електрична енергија, вода и греење.
„Не зборуваме за колапс, но тоа може да се случи во секоја секунда (бидејќи) руските проектили може да ја уништат нашата важна инфраструктура во Киев“, рече Виталиј Кличко, додавајќи дека енергетскиот дефицит во главниот град моментално е 30 отсто.
„Во моментов во Украина е прилично студено и животот без струја и греење е речиси невозможен. Ситуацијата е критична. Се бориме да преживееме“, изјави Кличко на маргините на годишниот Светски економски форум (СЕФ) во Давос.
Поранешните светски шампиони во бокс во тешка категорија, браќата Виталиј и Владимир, се дел од пошироката украинска деловна и политичка делегација на самитот на СЕФ во Давос.
„Важно е да нема двоумење дали да се испорача оружјето што ни е толку потребно, туку да го доставите што е можно поскоро. Во спротивно, ќе продолжиме да ја губиме нашата инфраструктура и што е најважно, нашите најдобри луѓе“, рече Владимир Кличко, додавајќи дека очекуваат ескалација на северот на Украина од правец на Белорусија.
МИА