Милошоски: Има незадоволни пратеници од власта кои се за предвремени избори

„Во Собранието постои комуникација помеѓу сите политички партии, она што сме го забележале во Собранието е дека одредени пратеници кои припаѓаат на владејачката коалиција веќе праќаат сигнали дека се незадоволни од начинот на кој се управува Македонија, особено од страна на извршната власт, и испратените сигнали до нас како поголема опозициона партија е дека некои структури внатре и во СДСМ и ДУИ размислуваат за можни предвремени избори како опција за тестирање на легитимитетот кај граѓаните“, изјави пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ – Антонио Милошоски, во дневникот на ТВ „Сител“.

Тој тврди дека одредени пратеници од СДСМ веќе се под притисок од страна на извршната власт.

„Одредени незадоволни пратеници од страна на СДСМ, кои предвремените избори ги гледаат како опција, веќе добиваат повици од повлијателни фигури во извршната власт за да го преиспитаат своето мислење, односно се под благ притисок да го сменат мислењето за предвремени парламентарни избори“, рече Милошоски.

Иницијатива за интерпелација на владата, вели тој, не е исклучена.

„Опцијата за иницијатива на недоверба на владата е во игра, како една демократска алатка каде може да се канализира ова незадоволство на граѓаните и поголем број на пратеници“, вели Милошоски, додавајќи дека има пратеници од СДСМ кои би поддржале таква интерпелација за недоверба на владата. Сепак, тој подвлече дека дел од тие пратеници последните денови се под „одреден притисок на луѓе од извршната власт“ да го променат своето мислење или барем да се воздржат.

„Според мене, премиерот има еден голем хендикеп по однос на оваа тема. За сегашниот премиер Ковачевски не гласал ниту еден граѓанин на Република Македонија за тој да биде премиер. Второ, и кога стана премиер, во првото експозе немаше ниту една реченица поврзана со потреба за измени на Уставот. За потоа кога дојде притисокот од страна на соседна Бугарија го прифати и сега го промовира како негова ултимативна опција. Затоа сметам дека премиерот треба крајниот рок за било какво разгледување или унапредување на Уставот или измени на Уставот да го смета денот на изборите, кога граѓаните ќе се изјаснат за секоја политичка опција врз основа понудените програми вклучително и ова прашање“, рече Милошоски.

Прочитајте и:  Кос: Ќе работам на тоа билатералните прашања да не се увезуваат во процесот на проширување

Тој додаде дека обврската за промена на Уставот ја прифатиле Ахмети и Ковачевски, сами.

„Македонскиот парламент, односно во Собранието се дискутираше за одредени заклучоци кои што немаат никаква правна, обврзувачка основа по однос на Уставот“, посочи Милошоски.

Тој ја повика Владата, ако смета дека ова е патот кој што води кон прогрес и дека има добар перформанс – економски, во образование, во земјоделие, во други области, како што вели Ковачевски, тогаш треба да излезе на избори.

„Да не се плаши Ковачевски од избори, бидејќи се гледа дека тој не излегува ниту на ТВ дуел, а не пак на избори. На избори Ковачевски нека каже на јавноста што направил, кои обврски ги превзел и така нека одлучат граѓаните за кого ќе гласаат“, порача Милошоски.

Ниедна Влада во иднина, според него, не треба да биде така неодговорна да превзема обврски кои што излегуваат надвор од нејзините надлежности. Тој истакна дека превземените обврски од страна на Ковачевски немаат легитимитет и како такви треба да бидат тестирани на избори.

„Затоа сметам дека секој кому ова прашање му е приоритетно треба што поскоро да свика предвремени парламентарни избори. За да може покрај другите = економската криза, кризата во образованието, кризата со енергетика, паѓањето на животниот стандард – заедно со ова тема да бидат теми за кои што граѓаните ќе се изјаснат на избори“, рече членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека во Македонија нема дилема дека најголемиот дел и од граѓаните и од политичките партии имаат евроатланстка ориентација. Но, проблемот, подвлече, е што одредени политички структури таа геостратешка ориентација ја злоупотребуваат за превземање на обврски кои што не се дел од европската агенда. „Затоа што билатерални прашања не може бесконечно да имаат приоритет пред Копенхашките критеиуми и стандардите во сите области за европеизација на државата“, заклучи Милошоски.

- Реклама -