Премиерот Димитар Ковачевски денеска остварил телефонски разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски. Во разговорот, премиерот му ја пренел „поддршката на Северна Македонија за украинскиот народ во бруталната, неоправдана и непредизвикана воена агресија која Русија ја врши врз Украина“, соопшти владината прес-служба.
„Војната која Русија ја започна пред речиси една година е флагрантно кршење на меѓународното право и Повелбата на ОН. Украина е независна и суверена држава со целосно располагање на својот територијален интегритет. Агресијата која Русија ја врши е за најсилна осуда, бидејќи освен прекршување на нормите, таа предизвикува и големо човечко страдање и ја влошува глобалната економија“, истакнал Ковачевски.
Украинскиот претседател изразил благодарност до македонскиот народ за сета досегашна помош и поддршка, а премиерот Ковачевски нагласил дека, како НАТО членка, земјава ќе продолжи со помош за Украина на сите потребни начини.
Особен фокус на разговорот бил развојот на настаните на воениот фронт, како и улогата на ОБСЕ во можностите за прекин на војната. Како премиер на земја претседавач на ОБСЕ, Ковачевски најавил дека ќе ја посети Украина.