Вучиќ: Ова е мој последен мандат како претседател на Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска соопшти дека ова е негов последен претседателски мандат.

На почетокот на годишнoто обраќање, Вучиќ рече дека „нема да го менува Уставот“ за да остане подолго време претседател на Србија.

„Ова е мојот последен мандат, нема да го менувам Уставот. Наскоро во првата половина на следната година повеќе нема да бидам претседател на политичка партија“, рече Вучиќ.

Тој вечерва на годишната прес-конференција изјави дека граѓаните на Србија можат да бидат задоволни од претходната година, бидејќи е зачувана финансиската стабилност, а економијата пораснала меѓу 2.3 и 2.5 отсто.

„Мојата работа е да бидам на страната на граѓаните и секој човек во државата и тоа ќе го направам на најдобар начин и покрај тешките околности со кои се соочуваме“, рече Вучиќ и оцени дека 2023 година ќе биде тешка година за целиот свет.

Прочитајте и:  Идна надворешна политика на ЕУ: Главна е поддршката за Украина, поделба на Косово не доаѓа предвид

Тој изјави дека Србија има најниска стапка на невработеност досега од 8.9 отсто и дека привлекла 66 отсто од вкупните странски инвестиции во Западен Балкан, а бруто домашниот производ (БДП) лани изнесувал 60.3 милијарди евра.

Зборувајќи за ситуацијата на Косово, претседателот на Србија рече дека „се соочуваат со тешки предизвици во однос на Косово и Метохија и дека едвај ги зачувале мирот и стабилноста“.

„Ние не испровоциравме никого, освен ако некој не го смета за провокација тоа што го почитуваме нашиот Устав и ги штитиме граѓаните. Не направивме ниту еден инцидент, ниту еден погрешен потег. Не можеме да им се спротивставиме на големите сили, ние сме мали, Германија, Америка и Европа се големи… Мали сме, но денес, како што стојат работите во светот, дури 106 земји не го признаваат Косово“, истакна Вучиќ.

МИА

- Реклама -