Сеул и Вашингтон планираат заеднички нуклеарни вежби како одговор на Северна Кореја

Сеул и Вашингтон разговараат за заеднички воени вежби кои вклучуваат американски нуклеарни средства за да се спротивстават на растечките нуклеарни закани на Северна Кореја, изјави јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јеол.

Во интервју за Чосун Илбо објавено денеска, Јун призна дека американскиот „нуклеарен чадор“ и нивното „проширено одвраќање“ повеќе не се доволни за да ги смират Јужнокорејците.

„Нуклеарното оружје им припаѓа на САД, но подготовката, споделувањето информации, вежбите и обуката треба заеднички да ги вршат Јужна Кореја и САД“, рече јужнокорејскиот претседател, додавајќи дека Вашингтон ја примил идејата „прилично позитивно“.

Неговата изјава дојде еден ден откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун повика на „експоненцијално зголемување“ на нуклеарниот арсенал на неговата земја, објави официјалната севернокорејска новинска агенција КЦНА.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

Ким Џонг Ун, исто така, најави дека Северна Кореја ќе развие нови интерконтинентални балистички ракети за да се спротивстави на, како што рече, непријателството од САД и Јужна Кореја.

Во текот на 2022 година, Северна Кореја изврши рекорден број лансирања на проектили.

Пјонгјанг истрела три балистички проектили во саботата на новогодишната ноќ, а една вчера во зори на првиот ден од 2023 година.

МИА

- Реклама -