И синот на Ахмети влегува во бизнисот со струја

Синот на Али Ахмети (лидерот на од лани „зелената“ ДУИ) е уште еден во низата најблиски роднини на политичари на високи позиции кои влегуваат во бизнисот со енергетика. Откако пред еден месец отворил фирма за производство на струја, од синоќа Шкумбин Ахмети од Зајас и формално е дел од бизнисот со соларна енергија, објави порталот „Фактор“.

Во јавноста многу малку се знае за синот на Ахмети, што барем делумно е резултат на тоа што лидерот на „интегративците“ го чува семејниот живот во приватност, забележуваат медиумите. Единствено се знае дека Шкумбин е архитект кој дипломирал на тетовскиот универзитет, кој досега нема покажано никаков интерес за политика.

Како што наведува „Телма“, Шкумбин Ахмети е одговорното лице на Друштвото за производство, трговија и услуги „Тхеас Енергу ДООЕЛ“, како и сопственик на претпријатието кое извршило упис во изминатите денови – друштвото за консалтинг, посредување, проектирање, инжинеринг и услуги „Архитектас Пројоект Студио“ од Зајас. Тој е единствено вработено лице, а за основањето на фирмата вложил 16 илјада евра.

Прочитајте и:  Честитка од Ахмети за Денот на албанската азбука: До вчера го унапредувавме, денеска мора да го браниме албанскиот јазик 

Во бизнисот со струја, инаку, одамна е синот на Муса Џафери, сопартиецот на Али Ахмети – Аријанит Џафери, сопственик на „У пауер“ а познат во јавноста и по тоа што физички го нападна претседателот на РКЕ пред едно скопско кафуле. Најмлад во енергетскиот бизнис е сепак синот на експремиерот Зоран Заев, Душко Заев, кој на 18 години се реши да произведува струја. Случајно или не, неговиот чичко Вице Заев поседува компанија за трговија со струја. Неодамна, интерес за изградба на фотовоалтаична централа од најмалку милион евра најави фирмата на сопругата на премиерот Димитар Ковачевски, потсетува „Телма“.

„Фактор“, пак, посочува дека изминатите денови МЕПСО објави дека во изминатиот период добил барања од инвеститори за изградба на фотоцентрали и ветерници со капацитет од неверојатни 8.000 мегавати…

- Реклама -