Курти за ослободувањето на Пантиќ: Баш ме интересира кој е судијата што пушти осомничен за тероризам да излезе од притвор

Косовскиот премиер, Албин Курти изрази незадоволство поради денешната одлука на надлежен суд во Приштина да му ја смени мерката притвор со мерка домашен притвор на поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, кој беше уапсен пред дваесетина дена како осомничен за подготвување вооружени напади врз општинските изборни комисии и полициски патроли во северно Косово, а што беше повод за блокадите кои ги поставија тамошните Срби, што доведе до зголемување на тензиите.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, во обраќање пред новинарите Курти изјавил дека е љубопитен да дознае кој е тој обвинител кој побарал и кој е тој судија што прифатил Пантиќ да биде пуштен во куќен притвор.

Прочитајте и:  Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, нормализацијата значи дека го чуваме мирот

„Кога имате обвинение за тероризам да пуштиш некого во домашен притвор …?! Јас само би сакал да знам кој е обвинителот кој го побарал тоа и кој е тој судија од претходна постапка што тоа го прифатил“, изјави Курти.

За разлика од него, известувачката на Европскиот парламент за Косово, Виола фон Крамон, на пример, ја поздрави одлуката на судот Пантиќ да биде испратен во домашен притвор.

„Ова треба да доведе до итно отстранување на барикадите на северот на Косово и целосна деескалација“, напиша Крамон на својот Твитер профил.

Таа додаде дека целосно ги поддржува ЕУЛЕКС и Кфор во процесот на надгледување.

Извор: МИА

- Реклама -