Секој мировен предлог за ставање крај на војната во Украина ќе мора да ја прифати „новата реалност“, според која четири украински региони „се припоија“ кон Русија, порача Кремљ.
„Ниту еден мировен план за Украина не може да постои доколку не се земе предвид припојувањето на четири нови региони во Руската Федерација“, изјави денеска за новинарите портпаролот на рускиот претседател – Дмитриј Песков.
„Засега нема ‘мировен план’ за Украина, да почнеме со ова“, рече Песков на новинарско прашање, коментирајќи ја иницијативата на украинскиот претседател Володимир Зеленски за подготовка на „мировен план“ до февруари, кога тој би сакал да одржи мировен самит, со посредство на ОН.
„Предлозите на Москва за решавање на проблемите во Украина му се добро познати на Киев – и Украина или ќе ги исполни, за свое добро, или руската армија ќе одлучи за тоа“, изјави вчера рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Нашите предлози за демилитаризација и денацификација на териториите контролирани од режимот, отстранување на заканите за безбедноста на Русија кои доаѓаат од таму, вклучително и нашите нови територии, му се добро познати на непријателот. Значењето е едноставно. Исполнете ги условите за свое добро. Во спротивно, за тие прашања ќе одлучува руската армија“, изјави синоќа Лавров.