Објавата на Фејсбук по изборот на Ислам Абази за шеф на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, не била честитка за избраната личност, туку честитка за демократизацијата на процесот, изјави денеска заменик министерот за правда Агим Нухиу, на новинарско прашање поврзано со неговата објава.
Како што вели Нухиу, тој не го честитал изборот на личноста кандидат, туку новите правила кои, според него, биле показател дека се демократизира процесот на избор на шеф на Јавното обвинителство. Тоа што 160 јавни обвинители учествувале на директни избори и тој победил, значи директна демократија, рече денеска Нухиу на брифинг со новинарите.
„Не ја честитав победата на Абази, туку спроведувањето на стандардите од законот, кој беше дел од реформите. Среќен сум што е направен исчекор напред во однос на демократизација на процесот на избор на шеф на ОЈО ГОКК“, објасни заменик министерот за правда од редовите на ДУИ, чиј лидер е родум од с. Зајас, исто како и новиот шеф на ОЈО ГОКК.
„Г-ин Ислам Абази на непосредни избори (со директни гласови на обвинителите) освои најмногу гласови меѓу противкандидатите за шеф на ОЈО ГОКК! Со чинот на директно гласање, Северна Македонија влегува на уште поподготвено ниво во борбата против организираниот криминал и корупција.
Очекуваме поголем напредок во оперативната соработка со меѓународните партнери и координација на активностите меѓу обвинителството, полицијата и другите релевантни тела против организираниот криминал и корупцијата за подобрување на ефикасноста на спроведувањето на законот.
Со нетрпение очекуваме напредок во истражните постапки, во гонењето и казнувањето на случаите на организиран криминал и перење пари, со фокус на конфискација на имотот од криминал“, напиша Нухиу на својот Фејсбук профил во ноември, со што беше меѓу првите што го честиташе изборот на Абази на нов шеф на ОЈО ГОКК.