Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми, денеска присуствуваа и говореа на настанот по повод пуштањето во употреба на делница Крупиште-Кочани на експресниот пат Штип-Кочани.
Како што може да се види од фотографиите што ги објавија премиерот и Владата, премиерот и лично ја испроба новата делница, која, како што рече, овозможува брзо и современо поврзување помеѓу Штип и Кочани, со што, подвлече, се намалуваат километрите и времетраењето на патувањето, но најважно, се зголемува безбедноста во сообраќајот (повеќе за тоа ТУКА).
Кадарот од Ковачевски веднаш нѐ потсети на кадарот од рускиот претседател Владимир Путин, кој на почетокот на месецов ја возеше обновената лента од Кримскиот мост, која беше оштетена во нападот со камион-бомба.
Сигурно е само случајност (освен ако погледите на ПР-от на Ковачевски не се вперени кон Москва додека ревносно фаќа прибелешки) и Ковачевски не е првиот (ниту вториот) што возел по нов автопат за да промовира завршен проект на Владата, но аголот на камерата, дневната светлина, бојата на јакната, а и фризурата, ја направија споредбата со Путин неизбежна.