Тројца загинати при пад на украински дрон врз руската воена база Енгелс

Тројца руски војници загинаа „при соборување украинско беспилотно летало“ во близина на воениот аеродром Енгелс во областа Саратов, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.

„На 26 декември околу 01:35 часот по московско време, украинско беспилотно летало беше соборено на мала височина додека се приближуваше до воениот аеродром Енгелс во Саратовската област“, ​​соопшти руското Министерство за одбрана.

При падот на остатоците од дронот загинале тројца руски војници, членови на техничкиот персонал, кои биле на аеродромот, а опремата на аеродромот не е оштетена, тврди руското министерство.

Претходно, додека „сѐ уште се проверуваа извештаите“ на медиумите за инцидент во Енгелс, локалниот гувернер на Саратов, Роман Бусаргин, изјави дека нема штета врз цивилната инфраструктура.

„Нема апсолутно никаква опасност за жителите. Нема оштетени цивилни инфраструктурни локации. Информациите за инцидент на воена локација се проверуваат од органите на редот“, порача тој.

Прочитајте и:  Шикорски за ракетите со долг дострел против Русија: Тоа е јазик што Путин го разбира

Новинската агенција РБЦ-Украина објави дека се случиле две експлозии. Руското издание „База“ забележа, цитирајќи локални жители, дека активирани се сирени за воздушен напад и дека одекнала експлозија.

На 5 декември Русија соопшти дека оваа воздухопловна база, која се наоѓа на околу 730 километри југоисточно од Москва во близина на градот Саратов, била цел на напади со украински беспилотни летала.

Украина никогаш јавно не презеде одговорност за нападите во Русија.

Украинската агенција Укринформ, која исто така јави за експлозии во Енгелс, повикувајќи се на руски канали на социјалната мрежа Телеграм, забележува дека токму од оваа база се извршуваат сите масовни руски ракетни напади врз Украина. Укринформ додава дека таму се сместени руски стратешки бомбардери Ту-95 и Ту-160.

Извор: МИА

- Реклама -