Украинската амбасада во Белград соопшти дека милиони нејзини жители во градовите се соочени со закана од целосен недостаток на струја (што би можело, посочија, да доведе до хуманитарна катастрофа) и ги повика властите, цивилното општество, бизнисмените и граѓаните на Србија да им помогнат на Украинците, јави дописникот на МИА од Белград.
Во јавниот повик на амбасадата се истакнува дека на Украина ѝ се важни секој генератор, автотрансформатор, трансформатор и високонапонска опрема, и тоа веднаш, бидејќи, како што велат, „утре може да биде доцна“.
Во соопштенеито се наведува и дека Украина добива помош од целиот свет во опрема за стабилизација на енергетскиот систем, но дека тоа не е доволно.
„Москва од 10 октомври истрела над 1.000 проектила на објекти од енергетскиот систем на Украина. За време на двомесечниот ракетен напад, речиси 50 отсто од украинскиот енергетски ситем (термо и хидроелектраните, како и високонапонската мрежа) се значително оштетени. Не остана ниту една електрана во Украина која не е гранатирана“, посочуваат од амбасадата, додавајќи дека поради тоа цивилното население на Украина, вклучително и болниците, училиштата и градинките, ќе се соочи со недостаток на постојан пристап до електрична енергија, топлина и вода.
Амбасадата потенцира и дека Украина не стоела настрана кога Србија имала проблеми во енергетскиот сектор, при што потсети и на одлуката на украинската влада да ѝ предаде 100 тони мазут на Сојузна Република Југославија во вид на хуманитарна помош.
Извор: МИА