Путин: Сите војни завршуваат со преговори

Русија сака крај на војната во Украина, изјави рускиот претседател Владимир Путин, додавајќи дека сите вооружени конфликти завршуваат дипломатски, со преговори.

„Нашата цел не е да го свртиме тркалото на воениот конфликт, туку, напротив, да ставиме крај на оваа војна. Ќе се стремиме кон крајот на таа војна, и што побрзо, толку подобро, се разбира“, рече Путин.

Путин, ден по посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Белата куќа, пред новинарите рече дека постојано зборувал дека „ескалацијата на конфликтот води до неоправдани загуби“.

Русија инсистира на тоа дека е отворена за преговори, но Украина и нејзините сојузници од Западот се скептични во искреноста на таквите тврдења и веруваат дека Москва само сака да купи време за да се регрупира и да ги обнови силите, по, според нив, низата порази и повлекувања на бојното поле.

Кремљ ја обвинува Украина дека одбива да преговара, а Киев како услов за било какви преговори го поставува целосното повлекување на руските војници и враќањето на анектираните региони (сѐ почесто, во нивните изјави, тоа го вклучува и Крим).

Прочитајте и:  Саботажа? „Длабока загриженост“ во Германија и Финска, оштетен подморски телекомуникациски кабел што ги поврзува двете земји

„Сите вооружени конфликти завршуваат, на еден или друг начин, со некакви преговори на дипломатско ниво. Порано или подоцна, сите страни во состојба на конфликт седнуваат на маса и постигнуваат договор. Колку побрзо тие што ни се противат го сфатат тоа, толку подобро. Никогаш не се откажавме од тоа“, рече Путин.

Рускиот претседател, исто така, го минимизираше значењето системот за противвоздушна одбрана „Патриот“ што американскиот претседател Џо Бајден се согласи да биде испорачан на Украина, велејќи дека Русија ќе најде начин да му се спротивстави. Тој рече дека системот е „прилично застарен“ и не работи како рускиот „С-300“.

Извор: МИА

- Реклама -